Online маркетинг
QR code - ВНИМАВАЈТЕ НА ЦРНИТЕ КВАДРАТЧИЊА
На прв поглед изгледаат како графички приказ на лавиринт и лесно може да се случи да не ги приметите, особено ако не знаете што точно претставуваат QR кодовите. Quck response code е нова маркетиншка алатка која во светот, а пополека и кај нас, влегува на мала врата во секојдневниот живот на потрошувачите.
QR кодот претставува директна спрега на маркетингот со брзиот расвој на информатичката опрема и мобилната трелефонија. Така, кога денес се шетате меѓу рафтовите во големите супермаркети и сакате да дознаете нешто повеќе за производот што сакате да го купите, доколку имате smartphone и доколку производот има QR код, него може да го учитате преку камерата на вашиот мобилен и на екранот автоматски ви се отвора веб страницата со сите дополнителни информации.
Овој код не е бенефиција само за производните фирми, него веќе масовно го користат и услужните компании, на пример, на екранот од мобилниот може да се појави интерактивна мапа за тоа како да стигнете до некој ресторан или фризерски салон. Сите се импресионирани од морето идеи, а стручњаците за маркединг добија нова играчка. Замислете ја ситуацијата кога потенцијалниот купувач на својот мобилен телефон ги добива сите одговори на прашањата за производот и тоа директно од прва рака, од производителот, додека стои до тој производ и размислува дали да се фати за паричникот или не, односно како сево ова ќе влијае врз чинот на продажбата.
Дополнителните информации за ивентите, концертите, рестораните... печатените огласи пренатрупани со текст и море информации, одат во историјата. Потребна е само една атрактивна слика и малиот црн код во ќошот. Останатото ќе го направат самите потрошувачи.
Македонската јавност се уште не е доволно запознаена со магичната моќ на оваа пософистицирана верзија на класичниот бар код, но и кај нас има неколку срамежливи обиди од најкреативните компании, иако сме многу далеку од морето идеи и новата креативна маркетиншка трка, што веќе се надѕира во светот, кога е QR кодот во прашање. Таму веќе наголемо се користат бенефитите од можноста секој да има свој личен продавач во џебот, кој точно ќе му ги објасни полезностите од производот и услугата, евентуалните попусти... и тоа без ограничување од работното време и во секое место во светот.
Најголемиот недостаток на QR кодот во моментов е самиот smartphone, односно неговата висока цена, заради што е недостапен за просечните потрошувачи. Денес во САД дури секој четврти корисник има smartphone. Но, очите на маркетиншките стручњаци се свртени кон водечките светски производители на мобилни телефони, кои водени од профитниот интерес се повеќе се вртат кон производството на smartphone, заради што може да се очекува нивната цена да почне да паѓа. Но, исто така, може да се очекува како што ова комуникациско откритие донесе нови ветришта во светот на промоциите и маркетингот, така и трката да се стигне до џебот на секој потрошувач, да влијае врз развојот на „паметните телефони“ за тие да станат дел од овој џеб.
Како и да е, во иднина обратете поголемо внимание на овие црни квадратчиња – веројатно најкреативната маркетиншка алатка на почетокот на втората деценија од третиот милениум.
Симона Варналиева |